Воспоставување на Национално координативно тело за спроведување на законот за бесплатна правна помош

Во Скопје, во јануари 2020 година, со поддршка на проектот за ‚‚Поддршка за подобар пристап до поквалитетни услуги за бесплатна правна помош во Северна Македонијаʻʻ се воспостави Национално координативно тело за спроведување на законот за бесплатна правна помош. Ова ново тело ќе ја подобри комуникацијата и соработката меѓу Министерството за правда, Адвокатската комора, граѓанските организации, правните клиники и останатите институции вклучени во обезбедување на бесплатна правна помош преку споделување на информации, координирање за поединечни случаи и навремено прибирање на податоци неопходни за обработување на барања за бесплатна правна помош. Така, ќе се обезбеди подобар пристап до правдата за граѓаните преку подобра координација меѓу институциите.

Националното координативно тело ќе се состанува на секои три месеци. Главните членови доаѓаат од Министерството за правда, Адвокатската комора, овластените здруженија и правните клиники. И други институции што работат со корисници на бесплатна правна помош, како на пример, Министерството за труд и социјална политика, центрите за социјална работа во Скопје, Народниот правобранител, Управата за јавни приходи, Катастарот, Основниот граѓански суд Скопје, Нотарската комора, Комората на извршители, Министерството за внатрешни работи, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Фондот за здравствено осигурување, Централниот регистар, итн. се исто така дел од ова тело. Министерството за правда, Адвокатската комора и претставник од овластено здружение ќе претседаваат со ова тело.

Европската унија и Советот на Европа, исто така, ќе организираат неколку последователни состаноци на ова тело во рамките на овој проект. На тој начин, ќе се зголемат капацитетите на ова тело да стане самоодржливо во иднина, по завршувањето на овој заеднички проект на ЕУ и на Советот на Европа.

Проектот за ‚‚Поддршка за подобар пристап до поквалитетни услуги за бесплатна правна помош во Северна Македонијаʻʻ е дел од програмата ‚‚Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција IIʻʻ, заеднички проект на ЕУ/Совет на Европа којшто го спроведува Советот на Европа.

Извор: Програмска канцеларија на Советот на Европа во Скопје