Зајакнување на капацитетите на подрачните одделенија на Министерството за правда за давање на бесплатна правна помош на граѓаните на Северна Македонија
Вработените во подрачните одделенија на Министерството за правда во Гевгелија присуствуваа на тридневна каскадна обука за бесплатна правна помош. Со поддршка на заедничката програма на Советот на Европа и на Европската унија, Хоризонтален инструмент II и во тесна соработка со Министерството за правда на Северна Македонија, 30 вработени во подрачните одделенија (ПО) се подготвени за ефективно давање на примарна и секундарна правна помош и за насочување на нивните напори кон постигнување на оваа цел. Тие исто така имаа можност да ги зајакнат нивните познавања и вештини кои им се потребни за да реагираат на ефективен и соодветен начин кога работат со ранливи лица кои бараат бесплатна правна помош, особено со жртви на семејно и на родово-базирано насилство.
Учесниците беа обучени од свои колеги – исто така вработени во подрачните одделенија на Министерството за правда, коишто претходно беа подготвени во рамките на програмата Хоризонтален инструмент II да бидат обучувачи во областа на БПП за потребите на Министерството за правда, што претставува една долгорочна инвестиција во одржливоста преку континуирана обука за вработените во ПО.
Важноста на подрачните одделенија за целокупниот систем на бесплатна правна помош во Северна Македонија, како двигатели на промените кон подобро спроведување на Законот за бесплатна правна помош и заштита на правата на граѓаните, беше нагласена во воведното обраќање на г-дин Агим Нухиу, Заменик министер за правда.
За време на активноста, учесниците добија информативни материјали коишто ќе можат да ги користат во секојдневното работење со баратели на БПП и дискутираа за поголема вклученост во кампањата за промовирање и за подигање на свеста за бесплатната правна помош во Северна Македонија. Следната каскадна обука ќе биде организирана во Мај со остатокот од вработените во подрачните одделенија.
Зајакнувањето на капацитетите на подрачните одделенија на Министерството за правда го спроведува проектот “Поддршка за подобар пристап до поквалитетни услуги за бесплатна правна помош во Северна Македонија” кој е дел од заедничката програма на Европска унија/Совет на Европа, “Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција II 2019-2022”.