-
Што е разликата меѓу примарна и секундарна правна помош?
Примарната правна помош вклучува информации и совети за прашања од правна природа додека секундарната се однесува на застапување во поединечни судски или управни постапки. Примарната има за цел да ја подобри информираноста на граѓаните за нивните права и патот до нивно остварување и заштита, додека секундарната го овозможува тоа во конкретни постапки.
-
За кои области можам да барам примарна правна помош?
Не постојат ограничувања во однос на видовите правни прашања за кои можете да барате примарна правна помош. Сепак имајќи ја во предвид целта на Законот за бесплатна правна помош најчесто се работи за прашања поврзани со имот, семејни спорови, работни односи, социјална заштита и пензиско и инвалидско осигурување.
-
Дали Законот за бесплатна правна помош предвидува правна помош во кривични постапки?
Бесплатна правна помош во кривични постапки се остварува врз основа на друг закон, законот за кривична постапка. Условите, постапката и органот кој одлучува за остварување на ова право се различни од секундарната правна помош.
-
Дали, и ако да под кои услови како жртва на семејно насилство имам право на бесплатна правна помош?
Законот за бесплатна правна помош предвидува жртвите на семејно насилство да имаат право на правна помош во постапка за изрекување на времени мерки (отстранување на насилник, забрана за приближување итн.) без притоа да се проверува нивната финансиска состојба. За останатите правни прашања, развод на брак, имотни-спорови, надомест на штета потребно е жртвата да ги исполнува условите во однос на имотот и приходот.
-
Дали имам право да го изберам адвокатот кој ќе ме застапува во постапка за која е одобрена секундарна правна помош?
Доколку ви е одобрена секундарна правна помош во постапка која е веќе започната и имате адвокат кој е запишан во Регистар на адвокати тогаш со ваша согласност, истиот адвокат ќе биде назначен. Доколку немате ополномоштен адвокат, назначувањето на адвокат се врши по азбучен ред од листата на адвокати кои по редослед се наоѓа по адвокатот кој претходно е назначен за адвокат во постапката за одобрување на барањето за секундарна правна помош.
Доколку се спротивставувате за назначувањето на адвокатот од оправдани причини (недоверба стекната од претходна правна работа, нетрпеливост и слично) во тој случај се продолжува назначувањето на адвокат кој редоследно доаѓа по адвокатот кој не е назначен.
-
Дали жртвите на кривични дела имаат право да бараат секундарна правна помош?
Да, жртвите на кривични дела имаат право да бараат секундарна правна помош да ги застапува во кривична постапка како оштетени како и во граѓанска постапка за надомест на штета предизвикана од кривичното дело.
-
Дали ако го изгубам спорот за кој имам добиено секундарна правна помош имам обврска да надоместам трошоци на министерството.
Доколку успеете во спорот немате обврска за надомест на трошоци на Министерството за правда. Доколку не успеете и судот ве задолжи да ги надоместите трошоците на спротивната страна, во тој случај вие сте одговорни за плаќање на трошоците.
-
Имам спор со јавно комунално претпријатие во однос на користење на комунални услуги. Дали имам право на секундарна правна помош?
За споровите поврзани со јавните и комуналните услуги не може да се одобри секундарна правна помош.