Бесплатна правна помош во кривични постапки

Доколку имате потреба од правна помош како осомничено или обвинето лице во кривична постапка, а немате материјална можност да ангажирате адвокат имате можност да се стекнете со право на бесплатна правна помош под одредени услови предвидени со Законот за кривичната постапка.

Задолжителна одбрана

Законот за кривична постапка предвидува неколку околности во кои поради тежината на обвинението, значењето на одредено дејствие или поради некаков друга околност е неопходно лицето да има бранител. Во тие случаи доколку лицето не ангажира бранител по сопствен избор, судот ќе му постави бранител „по службена должност“.

Бранител по службена должност се поставува во следниве случаи:

    • Ако обвинетиот е нем, глув или неспособен самиот успешно да се брани, или ако против него се води кривична постапка за кривично дело за кое во законот е пропишана казна доживотен затвор, мора да има бранител уште при првото испитување.
    • Обвинетиот мора да има бранител ако против него е определен притвор за времето додека трае притворот.
    • По поднесениот обвинителен акт поради кривично дело за кое со закон е пропишана казна затвор од десет години или потешка казна затвор, обвинетиот мора да има бранител во времето на доставувањето на обвинителниот акт.
    • Во текот на постапката за преговарање и спогодување со обвинителот за признавање на вината, обвинетиот мора да има бранител.
    • Обвинетиот на кој му се суди во отсуство мора да има бранител веднаш по донесеното решение за судење во отсуство.

Државата ја презема обврската однапред да плати за овие бранители, но овие трошоци, по правило, сепак, паѓаат на товар на осудениот на крајот на постапката, освен ако тој не го убеди судот дека плаќањето на ваквите трошоци ќе ја загрози неговата издршка или издршката на неговото семејство.

Одбрана за сиромашни

Судот може, кога не се исполнети условите за задолжителна одбрана, на барање на обвинетиот, да му постави бранител на трошок на државата, доколку врз основа на неговата имотна состојба тој не може да ги поднесе трошоците за одбраната, а „интересите на правдата“ бараат овие граѓани да добијат бранител.

Условите кои треба да се исполнат за да може да се постави бранител на трошок на државата се:

    • Кога тоа го бараат интересите на правдата што се однесува на тежината на кривичното дело т.е неговата сериозноста и строгоста на предвидената казна, па во таа смисла, треба да се имаат предвид максималната можна казна и реално очекуваната санкција во конкретниот случај. Дополнително, сложеноста на конкретниот случај игра значајна улога. Може да се работи за комплексност и на фактички и на правни прашања, но правните прашања почесто се јавуваат како причина да се смета дека обвинетиот нема да може успешно да се брани без бранител.
    • Кога според имотната состојба на обвинетиот не може да ги поднесува трошоците на одбраната.

По барањето за бранител на трошок на државата одлучува судијата на претходната постапка, односно претседателот на советот, а бранителот го поставува претседателот на судот. Во барањето обвинетиот може самиот да посочи определен адвокат за бранител од листата на адвокати од соодветната адвокатска заедница. Трошоците за одбрана на овој член паѓаат на товар на Буџетот на Република Македонија.