Доколку ви е потребна помош од адвокат заради водење на одредени постапки може да побарате да ви се одобри секундарна правна помош ако ги исполнувате условите предвидени со Законот за бесплатна правна помош.
Секундарна правна помош се одобрува на лице кое има потреба од стручна правна помош од адвокат за конкретна правна работа и кое не е во можност да ги плати трошоците на постапката заради неговата финансиска состојба и чие барање е оправдано.
Секундарната правна помош вклучува:
- Правна помош од адвокат
- Ослободување од плаќање на судски такси и трошоци поврзани со постапка пред суд согласно закон
- Ослободување од плаќање на трошоци за вештачење
- Ослободување од административни такси
Секундарна правна помош ги опфаќа оние трошоци на постапката што настанале по денот на одобрувањето на барањето за доделување на бесплатна правна помош.
Секундарната правна помош не ги опфаќа трошоците кои корисникот на бесплатна правна помош е должен да ги надомести на спротивната страна ако не успее во постапка.
Секундарна правна помош може да се одобри за широк спектар на постапки од граѓанска и управна природа освен оние за кои изрично е определено дека за нив нема да се одобри секундарна правна помош. Секундарна правна помош може да се одобри за:
- Граѓански судски постапки
- Управни постапки
- Управни спорови
Секундарна правна помош може да се одобри и за застапување во постапка за расправање на оставина пред нотар доколку предмет на расправање е:
- објектот во кој барателот живее
- една или повеќе физички поврзани катастарски парцели со вкупна површина не поголема од 300 м² во град Скопје или 500 м2 во општините во Република Северна Македонија, односно една или повеќе катастарски парцели со вкупна површина не поголема од 5000 м² во рурални средини
- регистрирано моторно возило чија работна зафатнина на моторот не е поголема од 1 200 кубни сантиметри
Секундарна правна помош може да се одобри за состав на поднесоци на должник пред надлежен извршител, кога извршувањето се спроведува со продажба на недвижност доколку предмет на извршување е објектот во кој барателот живее.
Секундарна правна помош нема да се одобри за следниве постапки:
- Царински и даночни работи
- Клевета и навреда
- Надомест на нематеријална штета, освен во случаи за жртви на кривични дела, како и во случај на смрт или тежок инвалидитет согласно одредбите од Законот за облигационите односи
- Прекршоци
- Јавни и комунални услуги
- Имотни прашања во управна постапка.
Секундарна правна помош ќе се одобри на жртви на кривични дела и жртви на трговија со луѓе за застапување како оштетени во кривична постапка.
Кој има право да поднесе барање?
Барање за секундарна правна помош може да поднесе:
- Лице државјанин на Република Северна Македонија со постојано живеалиште во Република Северна Македонија,
- Странски државјанин со дозвола за привремен или постојан престој во Република Северна Македонија или лице без државјанство кое законски престојува во Република Северна Македонија,
- Лице кое има право на правна помош обезбедена од Република Северна Македонија согласно меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот на Република Северна Македонија
- Баратели на правото на азил
Барателот има право да добие секундарна правна помош доколку поради својата финансиска состојба не може да ги оствари со Уставот на Република Северна Македонија и со закон загарантираните права, без да го загрози сопственото издржување и издржувањето на членовите на своето семејство со кои живее во заедничко домаќинство.
На барателот ќе му се одобри секундарна правна помош доколку:
- ги исполнува условите во однос на приходот
- ги исполнува условите во однос на имотот
- барањето е оправдано
- ги исполнува условите за секундарна правна помош по исклучок
Услови во однос на приходот
Месечниот приход на барателот во случај кога лицето живее само не треба да го надмине износот на минималната нето плата во Република Северна Македонија, утврдена со прописите од областа на минималната плата,
Во случај кога барателот живее во заедничко домаќинство со членовите на неговото семејство не го надминува износот на минималната нето плата и месечниот приход на секој нареден член на семејството не го надминува износот од 20 % од минималната нето плата утврдена со прописите од областа на минималната плата.
Табела со максимален приход кој може да го обезбеди домаќинство со одреден број членови за да може да се стекне со право на секундарна правна помош (2020 година)
Бројност на домаќинството: | Максимален приход: |
Самечко домаќинство | 14.500 денари |
Двочлено домаќинство | 17.400 денари |
Тричлено домаќинство | 20.300 денари |
Четиричлено домаќинство | 23.200 денари |
Петчлено домаќинство | 26.100 денари |
Шестчлено домаќинство | 29.000 денари |
Седумчлено домаќинство | 31.900 денари |
При утврдување на приходот се земаат предвид просечните месечни нето примања што ги добивал барателот и членовите на неговото семејство со кои живее во заедничко домаќинство во последните шест месеци пред поднесување на барањето за секундарна правна помош.
Доколку поради нередовни месечни примања приходот не може да се утврди на овој начин тогаш се пресметуваат повремените примања за период од 12 месеци пред месецот во кој е поднесено барањето за секундарна правна помош.
Како месечен приход се сметаат следниве видови на приходи:
- нето плата,
- пензија остварена во Република Северна Македонија или во странство,
- паричен надоместок по основ на невработеност,
- пријавени или остварени нето приходи во Управата за јавни приходи,
- приходи од финансиска поддршка од областа на земјоделството и руралниот развој кои биле остварени во претходната година,
- воена или цивилна инвалиднина,
- приход од привремена работа во странство,
- остварен приход од финансиски инструменти,
- приход од имот,
- парични средства кај носител на платен промет,
- законска издршка и
- подароци за кои даночните обврзници се обврзани да плаќаат данок на доход од дејности согласно одредбите на Законот за данок на доход.
Како месечен приход не се сметаат следниве видови на приходи:
- паричен надоместок за помош и нега од друго лице,
- родителски додаток за дете,
- детски додаток и посебен додаток,
- надоместок за телесно оштетување,
- социјална парична помош,
- постојана парична помош,
- еднократна парична помош и помош во натура,
- паричен надоместок за трошоците за сместено лице и надоместок за згрижување на лице во згрижувачко семејство,
- еднократна парична помош за новороденче,
- законска издршка за дете која се усогласува со порастот на трошоците за живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година,
- парична помош за социјално домување,
- надоместок за попишувач за извршување на работи во врска со спроведувањето на пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија на носителот и членовите на домаќинството,
- стипендија,
- средства одобрени од надлежна институција за медицинско лекување во странство,
- додаток за глувост,
- додаток за слепило и мобилност,
- надоместок на плата за скратено работно време поради нега на дете со телесни или ментални пречки во развојот и
- парична помош на лице кое до 18 години возраст имало статус на дете без родители и родителска грижа.
Услови во однос на имотот на барателот
Барателот може да се стекне со право на секундарна правна помош доколку тој/таа и членовите на неговото/нејзиното домаќинство
- имаат во сопственост само еден едностанбен објект или стан како посебен дел од зграда во кој живеат,
- имаат во сопственост една или повеќе физички поврзани катастарски парцели со вкупна површина не поголема од 300 м² во Град Скопје или 500 м2 во општините во Република Македонија, односно една или повеќе катастарски парцели со вкупна површина не поголема од 5000 м² во рурални средини и
- имаат само едно регистрирано моторно возило чија работна зафатнина на моторот не е поголема од 1 200 кубни сантиметри.
Доколку барателот поседува дополнителен станбен објект, или поседува катастарски парцели со поголема површина од наведената или има моторно возило со поголема работна зафатнина од пропишаната барателот нема право на секундарна правна помош.
Како имот во смисла на овој закон нема да се сметаат:
- предмети кои согласно Законот за извршување се изземени од извршување
- приход од имот што според овој закон се зема предвид при одредувањето на приходот на барателот на правна помош или на членовите на неговото семејство,
- регистрирано патничко возило кое барателот го користи за превоз на инвалидно лице член на домаќинството и
- природно неплодно земјиште (камењари, долови и друго), како и ливади, пасишта, трстици и мочуришта од 5,6,7 и 8 класа, согласно Законот за катастар на недвижности.
Секундарна правна помош без утврдување на материјалната состојба
Секундарна правна помош ќе се одобри без утврдување на финансиската состојба во следните случаи:
- барателот е сместен во згрижувачко семејство, станбена единица за организирано живеење со поддршка или во установа за социјална заштита, со решение на Центар за социјална работа (во натамошниот текст: посебни околности),
- барателот има потреба од покренување и застапување во постапка за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство пред надлежен суд, или
- барателот поради елементарна непогода, виша сила или други околности кои се надвор од негова контрола се најде во финансиска состојба што го спречува самостојно да обезбеди заштита на своите права
Во вториот и третиот случај потребно е да се приложи потврда дека барателлот е евидентиран како жртва на семејно насилство, односно документација од надлежен орган дека неочекувано се нашол во финансиска состојба која настанала во последните шест месеци пред месецот во кој било поднесено барањето за секундарна правна помош и доколку правната работа за која се бара секундарна правна помош е поврзана со фактот зошто барателот на правната помош се нашол во состојбата која го спречува да обезбеди заштита на своите права.
Оправданост на барањето
Барањето за секундарна правна помош ќе биде одбиено доколку е неоправдано.
За неоправдано ќе се смета барањето во следните случаи:
- кога е очигледно дека барањето на барателот е неосновано поради непостоење на правни факти врз основа на кои можат да бидат преземени правни дејствија,
- кога се работи за очигледна злоупотреба на правото на бесплатна правна помош,
- правното прашање за кое е побарана правна помош е очигледно неразумно,
- ако очекувањата и барањата на барателот се очигледно во спротивност со исходите во прашања со исти или слични фактички состојби за исти правни прашања и
- кога барањата на барателот се во спротивност со моралот.
Поднесување барање за секундарна правна помош
Барањето се поднесува до месно надлежното подрачно одделение на Министерството за правда кое се наоѓа на подрачје на кое лицето има живеалиште или престојувалиште. Барањето се пополнува на пропишан образец од Министерот за правда на РМ и задолжително содржи изјава за финансиската состојба на барателот и неговото домаќинство.
Барањето се поднесува до надлежното подрачно одделение
- лично,
- преку пошта или
- преку овластено здружение
Барателот пополнува и поднесува посебно барање за секундарна правна помош за секое поединечно правно прашање за чие решавање сака да поведе постапка.
Помош при пополнувањето на барањето може да се добие од подрачното одделение или овластено здружение.
Утврдување дали барателот ги исполнува условите за стекнување со право на бесплатна правна помош
Овластено службено лице во подрачното одделение во рок од 15 дена од денот на приемот на барањето е должно да испита и да утврди дали барателот ги исполнува условите за одобрување на секундарна помош.
Се врши проверка на податоците дадени во писмената изјава за финансиската состојба на барателот и членовите на неговото семејство кај надлежните органи кои располагаат со податоци за приходот и имотот на физичките лица.
При утврдувањето на финансиската состојба на барателот и членовите на неговото семејство не се земаат предвид приходите и имотот на оние членови на семејството кои се јавуваат како спротивни странки во постапката за чие решавање барателот поднесува барање за секундарна правна помош.
Донесување на одлука по поднесеното барање
Во зависност од исполнувањето на условите за секое поднесено барање овластено службено лице подрачното одделение на Министерството за правда донесува:
- потврда со која барањето се одобрува или
- известување дека барањето се одбива.
Со потврдата донесена од подрачното одделение со која се одобрува секундарна правна помош се:
- овластува адвокат за давање на секундарна правна помош,
- ослободува корисникот од судски такси и трошоци поврзани со постапката пред суд согласно закон,
- ослободува корисникот од трошоците за вештачењето и
- ослободува корисникот од административни такси.
Приговор против одлуката доколку барањето е одбиено
Барателот може да поднесе приговор во рок од 15 дена до Министерството за правда против известувањето со кое не се одобрува секундарна правна помош. Министерството го оценува приговорот и без одлагање, а најдоцна во рок од десет дена носи решение за одобрување или одбивање на секундарна правна помош што го доставува до барателот.
Против решението на Министерството со кое се одбива секундарната правна помош барателот може да поведе управен спор пред надлежен суд.
Итна постапка за одобрување на секундарна правна помош
Во случаите кога постои итна потреба од обезбедување на правна помош или за постапување се определени кратки рокови барањето може да се одобри во рок од два дена од приемот доколку истото е оправдано и доколку нема основ за одбивање на барањето без да се проверува финансиската состојба кај надлежните органи
За кратки рокови ќе се сметаат роковите определени од страна на судовите или другите надлежни органи, односно закон кои не се подолги од 15 дена сметано од моментот кога рокот започнува да тече. Барателот е должен барањето да го поднесе истиот ден или најдоцна два дена од денот кога дознал за рокот
По донесувањето на потврдата со која се одобрува барањето за секундарна правна помош се врши проверка дали барателот ги исполнува условите за одобрување на помош. Доколку се утврди дека барателот не ги исполнува условите помошта ќе биде прекината и ќе биде задолжен целост да ги надомести исплатените средства за неосновано добиената секундарна правна помош.
Графички приказ на постапката
