Усвоено Упатство за креирање на протокол за упатувања и адресар на организации и институции

Властите во Северна Македонија се посветени на работење заедно на создавање на еден ефективен систем на упатување што ќе придонесе кон подобрување на пристапот до правдата. Ова беше нагласено на третиот состанок на Националното координативно тело за спроведување на Законот за бесплатна правна помош (НКТ) што се одржа на 8 јули 2020 година како онлајн состанок.

Вкупно 34 учесници од клучните институции во системот на бесплатната правна помош, како Министерството за правда и неговите подрачни одделенија (ПО), Адвокатската комора, граѓански организации (ГО) и правни клиники овластени да даваат бесплатна правна помош, како и Министерството за труд и социјална политика, имаа можност да дискутираат за потребата од воспоставување на Протокол за упатување и на адресар на организации и институции како два неопходни директни резултати од НКТ.

Учесниците ја нагласија важноста од ефективен систем за упатување што ќе ја зголеми веројатноста граѓаните да добијат бесплатна правна помош којашто ќе одговара на нивните конкретни потреби и интереси. Тие се согласни дека соодветното упатување на барателите ќе овозможи да бидат насочени кон најсоодветните и најспособните даватели на услуги и го усвоија Упатството за креирање на протокол за упатувања и адресар на организации и институции, изготвено од консултантите на советот на Европа, г-дин Џон Имс и г-дин Гоце Коцевски.

Учесниците се согласија дека треба да се формира работна група за изготвување на првични нацрти на Протоколот и на Адресарот, коишто ќе бидат презентирани и усвоени на следниот состанок на ова тело.

На состанокот беа споделени и некои од постигнувањата и предизвиците идентификувани при спроведувањето на Законот за бесплатна правна помош во околностите поврзани со КОВИД-19. Поконкретно, меѓу учесниците се разви плодна дискусија за предизвиците со кои во работењето се сретнуваат ПО на МП а во врска со случаи поврзани со семејно насилство и за предизвиците со кои во работењето се соочуваат центрите за социјални работи и Министерството за труд и социјална политика кога работат со вакви случаи.

Состанокот беше организиран од проектот “Поддршка за подобар пристап до поквалитетни услуги за бесплатна правна помош во Северна Македонија” кој е дел од програмата ‚‚Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција II 2019-2022ʻʻ, заеднички проект на Европската унија / Совет на Европа којшто го спроведува Советот на Европа.

Упатство за креирање на протокол за упатувања и адресар на организации и институции

Извор: Програмска канцеларија на Советот на Европа во Скопје