Оформена работна група за изготвување на Протокол за упатувања и на Aдресар на организации и институции

Оформена е работна група којашто ќе работи на изготвување на првичните верзии на Протоколот за упатување и на Aдресарот на организации и институции кои нудат правна и друга помош. Групата е составена од претставници на Министерството за правда – одделението за Бесплатна правна помош и неговите подрачни одделенија, граѓански организации, правните клиники и адвокати овластени за давање на бесплатна правна помош.

На 19 август 2020 година, преку онлајн платформа за видео-конференции, се одржа првиот состанок на работната група. Состанокот го водеа консултантите на Советот на Европа, г-дин Џон Имс и г-дин Гоце Коцевски, кои се, истовремено и автори на Упатството за креирање на протокол за упатувања и адресар на организации и институции, усвоено на третиот состанок на Националното координативно тело. Сите членови на работната група потврдија дека се подготвени и посветени да работат заедно во процесот на изготвување на првичните верзии, со конечна цел да се добие систем за упатување што ќе придонесе кон подобрен пристап до правдата.

Протоколот и Адресарот ќе помогнат да се постигне ефективен систем на упатување со што ќе се зголеми можноста граѓаните да добијат бесплатна правна помош која ќе одговара на нивните конкретни потреби и интереси. Преку соодветни упатувања, барателите ќе бидат насочувани кон најсоодветните и најподготвените даватели на услугата.

Првичните верзии на Протоколот и на Адресарот се очекува да бидат завршени на крајот на септември. Тие ќе бидат претставени и усвоени на следниот состанок на Националното координативно тело.

Состанокот беше организиран од проектот “Поддршка за подобар пристап до поквалитетни услуги за бесплатна правна помош во Северна Македонија” кој е дел од програмата ‚‚Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција II 2019-2022ʻʻ, заеднички проект на Европската унија / Совет на Европа којшто го спроведува Советот на Европа.

Извор: Програмска канцеларија на Советот на Европа во Скопје