Националното координативно тело за бесплатна правна помош во Северна Македонија дискутираше за пристапот до правдата за Ромите и за жртвите на родово-базирано и семејно насилство
На осмиот состанок на Националното координативно тело (НКТ) за спроведување на Законот за бесплатна правна помош во Северна Македонија учесниците дискутираа и се договорија за важни прашања поврзани со пристапот до правдата за ромската заедница и за жртвите на родово-базирано и семејно насилство.
Активноста, организирана во рамките на континуираната поддршка којашто ја даваат ЕУ и Советот на Европа за подобрување на услугите за бесплатна правна помош за граѓаните на Северна Македонија, собра на едно место 37 учесници од клучните институции од областа на бесплатната правна помош, вклучувајќи ги Министерството за правда и неговите подрачни одделенија, Адвокатската комора, граѓанските организации и правните клиники овластени да даваат бесплатна правна помош. Тие ја имаа можноста да дискутираат за подобрувањето на соработката меѓу давателите на бесплатна правна помош и на локалните центри за правно, здравствено, психосоцијално советување, советување за вработување и други видови на советувања и помош за ромската заедница.
На состанокот, учесниците добија кратка презентација за услугите кои ги нуди Центарот за жртви, неодамна отворен од страна на Национална Мрежа Против Насилство врз Жените и Семејно Насилство. Се дискутираше за можна соработка со давателите на правна помош со цел да се подобри пристапот до правдата за оваа ранлива категорија на луѓе.
Претставниците од Министерството за правда отворија дискусија за условите кои треба да ги исполнат давателите на примарна правна помош (здруженијата на граѓани и правните клиники) за да станат овластени за давање на правна помош, како и за нивната обврска да доставуваат месечни извештаи. Понатаму, беа споделени, и се дискутираше за постигнувањата и за предизвиците кои беа идентификувани при спроведувањето на Законот за бесплатна правна помош во изминатиот период.
Националното координативно тело ќе продолжи со својата работа и со посветеноста кон постигнување подобра координација и комуникација меѓу главните актери во системот за бесплатна правна помош во иднина. Капацитетите на НКТ ќе продолжат и натаму да се зајакнуваат со цел да стане комплетно само-одржливо во иднина и по завршувањето на проектот на Совет на Европа. Исто така, на овој состанок се идентификуваа и дискутираа можностите за обезбедување одржливост на Националното координативно тело за БПП.
Проектот “Поддршка за подобар пристап до поквалитетни услуги за бесплатна правна помош во Северна Македонија” кој е дел од заедничката програма на Европска унија/Совет на Европа, “Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција II 2019-2022”, ќе продолжи со поддршка на јавните власти и на клучните актери во напорите да ги зајакнат ефикасноста, квалитетот, пристапноста и свеста за бесплатната правна помош во Северна Македонија.